Monday, April 1, 2013

FIVE YEARS OF LIONS CLUBS INTERNATIONAL IN KUMANOVO


На 23 февруари 2013 година имав извонредна можност повторно да прославувам петгодишен јубилеј на еден од нашите Lions клубови. Откако тоа го сторивме во 2 наврати во првата половина од фискалната година, овој пат одбележувањето на овој убав јубилеј ме одведе во родниот град на мојот татко - Куманово.
На влезот од Куманово го избегнавме патот кој водеше до центарот и ја зедовме насоката кон пазарот. На влезот пред „Рим-Парис“ (Roma-Parigi) веќе не пречекаа првите lions-и тоа беа дел од постарите членови во клубот. Внатре пак, приказната зазеде сосема спротивен тек, на самиот влез во ресторанот не пречекаа најмладите членови од клубот. Ова е клубот кој минатата година повикот на нашиот меѓународен претседател др. Вин-Кун Там да веруваме во Lions клубовите како во наше семејство го прифатија целосно и во клубот ги приклучија своите најблиски.
Немаше простор за изненадувања, Lions клубот Куманово не е од оние кои би дозволиле изненадувања, а нивните досегашни и актуелниот лидер се токму вистинските локални лидери кои успешно го водеа клубот во сите досегашни години. Откако го договоривме протоколот на вечерта, на посебна маса не наместија „сите гости од Скопје“ - PDG Давидовски и VDG1 Кртолица, а потоа на истата маса доведоа уште неколку потенцијални членови на нивниот клуб. Немаше многу луѓе, но приближно 60 гости меѓу кои немаше ниту еден друг член освен оние со кои допатувавме заедно покажува за атрактивноста на идејата и движењето, но и за потенцијалот на овој клуб во неговата локална заедница.
Малку подоцна ни се придружи независниот кандидат за градоначалник на Куманово, Виктор Цветковски со неговата сопруга Елизабета. Обајцата, барем по посветеноста на градот се потенцијални членови на клубот, а Елизабета ја познавам уште од времето кога одев во забавиште во тогашното ОУ „29 Ноември“ а сега ОУ „Војдан Чернодрински“ - скопјанка на „привремена работа во Куманово“ еве веќе 8 години. Заедно поседовме приближно половина час, а потоа заминаа, рекоа дека мораат во ресторанот „Грација“ на манифестацијата „Вкусно е, од Куманово е“. Очигледно 5тата годишнина на Lions клубот Куманово има сериозна конкуренција. Токму во тој миг и во нашиот ресторан почнаа да ја изнесуваат храната, барем да покажат дека вкусна храна има и кај нив.
На почетокот на свечениот дел од вечерта најпрвин не поздрави актуелниот претседател на клубот, а потоа добив можност да ги поздравам сите присутни. Во моето обраќање меѓу другото зборував за работењето на клубовите и служењето на заедницата, а ги споменав и критериумите за Club Excellence Award. Ја искористив единствената можност да ги поздравам и да им заблагодарам за приемот на новите членови, како и на успешното служење на Куманово и кумановчани во изминатите пет години. Се обидов да евоцирам спомени па реков дека се сеќавам како пред пет години, во 2008 на крајот на јануари, се возевме со моите пријатели од клубот кон Куманово. Бевме неколкумина, стиснати во црвениот Spark на Даница Дончовска чиниш толку е тесно внатре. Оние што паметат, знаат меѓутоа дека тоа не беше од просторот, туку од студот надвор. Мраз на патот, минусни температури, но многу, навистина многу ентузијазам за работа во заедницата и служење на луѓето околу нас. Реков дека овој пат, јас возев, а со мене не беа моите клубски пријатели, но ентузијазмот е се уште висок. Единствената разлика е дека сега служам на заедницата како гувернер на нашиот дистрикт, а богами и времето ни најмалку не потсетува на условите од пред пет години. Беше тоа еден од потоплите денови во зимата.
Тоа беше вистинскиот момент, ги повикав Мирјана Атанасовска, претседател 2008/2009; Марјан Димитриевски, претседател 2009/2010; Сузана Димитриевска, претседател 2010/2011; Гоце Божурски, претседател 2011/2012; и се разбира Драган Петковски, претседател 2012/2013 за да им посакам да продолжат да го чуваат клубот и да го развиваат понатаму. На сите нив им доделив Certificate of Appreciation за нивната работа и за 5тата годишнина на Lions клубот Куманово.

НЕКА Е НА МНОГУ ГОДИНИ!

No comments:

Post a Comment