Monday, September 24, 2012

58th EUROPEAN LIONS FORUM - IT'S REALLY AN HONOR TO BE A LION FROM MACEDONIA

Секогаш е добро одново да се наполнат батериите и да се донесе позитивна енергија од искуството на другите дистрикти која потоа ќе ја споделиш со своите пријатели lions-и! Европскиот Lions форум се одржува еднаш во годината, некаде на континентот и ги обединува сите дистрикти од Европа. Делегациите се разновидни, lion-и, претседатели на клубови, офицери во дистриктите, гувернери на дистриктите, поранешни и актуелни меѓународни директори, поранешни меѓународни претседатели од Европа, како и актуелните извршни офицери. Секако, не недостигаат и многубројните координатори, гости, блиски пријатели и соработници, животни партнери. Речиси секогаш во близина на бројката од 2.000 луѓе собрани на едно место и обединети во гордоста да се биде lion. 
На почетокот на овој месец, од 2-9 септември се одржаа 2 исклучително битни настани во Брисел. На обата настани имаше забележително и навистина успешно македонско претставување. Advanced (Senior) Lions Leadership Institute беше првиот настан, кој се случуваше од 2 до 5 септември, а на кој учествуваа вториот вице-гувернер на дистриктот Драги Филевски и секретарот на кабинетот Давор Каракашев. Вториот настан беше 58миот Европски Lions форум кој се одржа од 5 до 9 септември. Тука, македонската делегација наоружана со ентузијазам и македонски lion-изам, а во состав: Андреја Стојковски, гувернер на дистриктот; Јелица Кртолица, прв вице-гувернер на дистриктот; и Давор Каракашев, секретар на кабинетот, успешно ги покажавме нашите резултати и победи. 

За многумина институтот воопшто не соодветствува на волонтерскиот карактер на асоцијацијата. Исполнетата агендата стратуваше секој ден во 8 часот наутро, а завршуваше доцна попладнето. Секој момент од институтот беше исполнет со интерактивни и интересни предавања кои имаа за цел не само да ги едуцираат учесниците, туку и да ги поттикнат на акција по враќањето, и да пренесат вештини за успешно водење на асоцијацијата. Нашите лидери совршено добро го идентификувале проблемот кога велат „ние немаме проблем со членството, имаме проблем со лидерството“, оттаму главниот фокус на овој семинар е создавањето на нови лидери кои без никаков проблем ќе се фатат во костец со предизвиците кои актуелните случувања ги имаат за нашата асоцијација. 

На институтот во посебни блокови беа опфатени теми како основи на лидерството, различности, организирање на групи и тимови, тимската работа, промоцијата на организацијата и движењето, управување со проектен циклус, делегирање, разрешување на конфликти, подготовка на презентации и јавни настапи, пристап до меѓународните програми и ресурси, LCIF и секако потрага по идните Lion лидери. 

Да се биде дел од институтот е огромна привилегија, но и обврска бидејќи учесниците мора да бидат постојано и активно присутни. Причините за тоа се повеќестрани, најнапред станува збор за единствен настан од овој тип организиран во Европа како конститутивна област во нашата асоцијација, а потоа и поради фактот дека на истиот учествуваа приближно 100тина учесници од повеќе од 20 дистрикти и 10тина искусни предавачи. Поранешниот меѓународен директор Бруно Алквист од Шведска и GLT координатор за Европа, поранешниот меѓународен директор Несим Леви од Турција и специјален советник за GLT за Европа, поранешниот претседавач на совет на гувернери од МД105 Џоф Лидер и еден од GLT координаторите за Европа, како и поранешниот претседавач на совет на гувернери од МД110 Петер Бранденбург и новоизбран благајник на Европскиот форум беа дел од искусните предавачи кои досега им предаваа на сите македонски учесници на овие институти од Болоња во 2010 и Мастрихт во 2011 до оваа година во Брисел. 

Поради бројноста на учесниците, а со цел поуспешна комуникација и размена на искуствата сите учесници беа поделени во помали групи од 6-8 членови. Во текот на денот групата ги совладува предизвиците како тим, а на крајот на денот, нешто по 18.30 часот ги презентира своите успеси. Вечерата е резервирана за прославување на успесите. На крајот на институтот на гала вечера сите учесници кои успешно го поминаа институтот им беа доделени сертификати и значки за успехот. Учеството на институт е непроценливо богатсво за секој член. Секој се стекнува со огромно знаење, нови вештини, информации и искуствата од другите членови, поминувае време во забава креирајќи доживотни пријателства со што има чувство на гордост што е дел од семејството кое брои 1,35 милион членови! 

На 6 септември, четврток, започна Европскиот Lions форум, а секој чекор беше следен од пауза исполнета со пријателство, поздрав со познаник, соработник, пријател, напати и „непознато другарче“ со кое после долго време допишување конечно лично се сретнуваш. Уште на првиот ден од форумот, заклучокот гласи „Гордост е да си lion од Македонија!“ Ние сме меѓу помладите дистрикти, меѓу помалите држави во Европа, но меѓу најголемите lion-истички срца во Европа и пошироко. Пред сите гости, меѓу кои и Нејзиното кралско височество принцезата Астрид од Белгија на отворањето на форумот, неколку пати беше споменато името на Македонија, како пример за рзвој на дистрикт со забрзани, но темелни чекори, како пример за едукација внатре во дистриктот и како lion-истичка држава која треба да послужи како извор за инспирација во градењето на нашето движење.

Во својот поздравен говор меѓународниот претседател Вејн А. Меден неможеше да се воздржи, а да не ги сподели, неколку пати, воодушевувањата за посветеноста на lions-ите, но особено на младите leo-вци од Македонија за нивните акции, волонтерска работа, посветеност и амбиција манифестирани уште при посетата на нивното училиште „во Скопје, Македонија при последната посета“. Навистина е „Гордост е да си lion од Македонија!“ Тоа е дело на сите нас. Но, сепак на таков голем собир имиџот на државата го прават поединци. Години наназад нашите гувернери и во последно време и јас, успеавме преку своите темелно градени контакти, да ја наметнеме Македонија во прв ред и меѓу високото светско раководство да се почитува Македонија како лидер во Европа. Наредниот ден се случуваа повеќе важни семинари и средби на форумот на кои мораже да се учествува, а уште во утрото, за нас најважниот, состанокот на иницијативата за централна и источна Европа на кој главна тема беше процесот за статешко планирање и целите на нашиот дистрикт. На состанокот ја имав честа да бидам ко-претседавач на поранешниот меѓународен директор Ернест Мусил, кој воедно ја претседава иницијативата и на поранешниот гувернер на дистрикт Хајко Далман од Германија. 
 
Наредната сесија, беше посветена на потребата и на процесот на транзиција од Leo во Lions. Со сесијата претседаваше нашиот драг пријател, поранешниот меѓународен директор од МД105 Фил Нејтан. И на оваа сесија нашиот дистрикт споделуваше свое искуство. Овој пат, директно од претседавачот барање, секретарот на нашиот дистрикт да го изнесе своето искуство, а заклучот беше дека дистриктот во Македонија е модел за европските дистрикти и по бројот на Leo членови кои преминале во Lions, а се разбира и по нивната успешност, имајќи предвид дека двајца од делегацијата од три члена се поранешни Leo-вци.

Конечно, црешата на шлагот ја даде сесијата посветена на програмата Lions Quest кога на самата сесија претходниот меѓународен претседател и претседавач на фондацијата на нашата асоцијација го потпиша и со тоа го одобри грантот од 10.000 американски долари за имплементацијата на програмата во нашиот дистрикт. Република Македонија е 74 држава во светот во која се имплементира програмата Lions Quest. 

На последниот ден, на завршниот состанок на Европскиот совет успеавме уште еднаш со разумот и со добрата дискусија да ги разбудиме останатите и да го привлечеме вниманието, а секако и поддршката на многумина за нашиот дистрикт. На крајот, вечерта пред разделба дојде и најголемата награда, почестта да присуствуваме на мала приватна вечера со меѓународниот претседател Вејн Меден, претходниот претседател д-р Винг-Кун Там, поранешните меѓународни директори Фил Нејтан од МД105 со сопругата Хајди и Ед Мекормик од МД17, како и поранешниот претседавач со совет на гувернери од МД105 Филип Гудиер. Сите присутни во неколку наврати ги поздравија и истакнаа нивните воодушевувања за нашите досегашни успеси и идни планови и залагања и порачаа дека мора да продолжиме уште помотивирано и поактивно да работиме; да бидеме добри и хумани луге; да и служиме на заедницата; да бидеме препознатливи во неа по хуманоста; да ги предизвикаме нашите пријатели и деца да ни се придружат во хуманата мисија. 

Не треба да си многу богат за да даруваш и помагаш, туку да имас големо срце, а со него треба само да го допреш срцето што страда!

No comments:

Post a Comment