Friday, January 4, 2013

PRE-HOLIDAY COORDINATION WITH THE REGION CHAIRPERSONS

Пред почетокот на празниците, во самата зора на празничното лудило заедно региските претседавачи одлучивме да организираме состанок за координација и утврдување насоки за работа во второто полугодие од фискалната година. Состанокот го организиравме во хотелот АРКА во Скопје, а за прв пат се обидовме користејќи современа технологија да одржуваме видео конференција со регискиот претседавач Љубица Ангелкова-Манговска. Видео конференцијата имаше две цели, првата беше да ни овозможи да бидеме сите вклучени во средбата и во координацијата, а втората беше да и олесни на Љубица, да не мора да патува од Битола специјално за состанокот. УСПЕШНО!
Четворицата региски претседавачи, заедно со мене, на средбата ги разгледавме дотогашните успеси, како и преземените програмски активности. Потоа, повторно сите заедно зборувавме за наредните шест месеци и за потребата поангажирано да работиме со клубовите, редовно да одржуваме лични контакти со истите, а преку нашите активности да наметнеме ново темпо на работа и севкупно инволвирање на членството.
Потсетувајќи се на првичните разговори и организацијата на дистриктот со региските претседавачи заклучивме дека поради потенцијалот кој во нив е идентификуван и поради нивната досегашна посветеност сите би можеле во иднина да се најдат во улога на гувернери на дистриктот. Оттаму, нивната улога досега требаше да биде, а во наредните шест месеци уште повеќе ќе биде да бидат гувернери во сенка и да се грижат за спроведувањето на одредена програма или проект.
Поделбата која досега важеше изгледа вака:
  1. Елизабета СРБИНОВСКА-КОСТОВСКА - Signature Project „Исполнуваме желби“;
  2. Љубица АНГЕЛКОВА-МАНГОВСКА - Комуникации;
  3. Михајло ШИРГОСКИ - Меѓународна програма;
  4. Слободан ВУКИЌЕВИЌ - Signature Project „Прославуваме јубилеи“.
Новата поделба, просто, значеше надополнување на старата и нејзино подобрување. 

Елизабета, во наредниот период, заедно со одговорните координатори, како и со потенцијалните бизнис партнери ќе се обидат да го постават Lions Фондот „Исполнуваме желби“. Воедно со партнерската здравствена институција (Клиниката за детски болести од Скопје) ќе изберат 6-8 штитеници на истата чии желби ќе бидат исполнети. Конечно, во директна комуникација со сите клубови од дистриктот (согласно живеалиштето на штитениците) ќе се потруди да обезбеди исполнување на нивните желби. Исполнувањето на желбите ќе подразбира утврдување на клубот кој ќе ја исполни желбата, следење на координацијата и известување за исполнетата желба.
Индикаторите за успех во оваа проектна активност, нема да бидат само воспоставениот Фонд и бројот на исполнети желби, туку и бројот на вклучени клубови. Секако, исклучително позитивно ќе се земе посетувањето и комуникацијата на што поголем број на клубови од страна на регискиот претседавач. НАПОМЕНА: Посетата на клубовите треба да биде самоиницијативна, а Елизабета нема да биде врзана за одреден број на клубови туку ќе комуницира и работи со сите.

Љубица, во наредниот период, заедно со секретарот на кабинетот, како и со соодветните координатори ќе ја преземе грижата за соодветното и севкупното комуницирање во дистриктот.
Покрај наредните шестте директни месечни обраќања до сите членови, односно изданијата на LION магазинот на македонски јазик, производ по кој ќе се мери успехот во овој сегмент ќе биде издавањето на монографија и зборник/адресар на сите членови во дистриктот, по повод трите јубилеи кои годинава ги одбележуваме.
За овој сегмент од работата утврдивме и рокови по кои ќе треба да работиме, а истите предвидуваат дека најдоцна до крајот на јануари 2013, секој клуб ќе добие прашалник (Link кој води до прашалникот!) кој ќе го одговори и на тој начин ќе достави податоци за актуелното и за минатите раководства на клубот; основни податоци за членовите (име и презиме, контакти, занимање/вработување); основни податоци за клубовите (основање, сметка, адреса, термин на состаноците). Крајот на февруари 2013 е рокот во кој клубовите ќе ги вратат сите овие податоци, а адресарот заедно со монографијата ќе биде промовирана на националната конвенција. Подготовката на монографијата ќе биде направена во периодот март-април, а во истиот период ќе бидат оставени 10 дена за поправка на податоците кои биле обезбедени претходно, или нивно дополнување.
И во овој случај индикаторите за успех во овој сегмент, нема да бидат само објавените публикации/електронските изданија, туку секојдневната директна комуникацијата со сите клубови од страна на регискиот претседавач. НАПОМЕНА: Доколку е потребно регискиот претседавач може да организира и соодветни регионални или друг тип на средби со одговорни лица во клубовите заради олеснување на работата.

Михајло, во наредниот период, ќе треба со своите координатори да обезбеди уште успеси и да ги дособере плодовите од таквите успеси. Новиот успех кој Михајло ќе треба да го обезбеди и завршувањето на натпреварот за еко-фотографија, односно прославата на Lions денот во Обединетите нации и збратимувањето на клубови и дистрикти. Од минатите успеси, тој ќе треба да ја подготви изложбата на сите пристигнати слики/цртежи од националниот Peace Poster Contest, како и концертот на нашиот претставник на Европскиот музички натпревар обете во рамки на нашата 5та Национална конвенција во мај оваа година.
Во наредниот период Михајло во директна комуникација со клубовите ќе се обиде да ги мотивира да пристапат кон Club Twinning, а во соработка со Координаторот за меѓународна соработка и други lions-и за овие клубови ќе пронајде братски клубови од други дистрикти.
Индикатор за успехот на Михајло нема да бидат само востановените односи на збратимување, туку и бројот на клубови со кои комуницирал, како и бројот на дистрикти од каде што доаѓаат братските клубови. Секако, исклучително позитивно ќе се земе посетувањето и комуникацијата на што поголем број на клубови од страна на регискиот претседавач. НАПОМЕНА: Посетата на клубовите треба да биде самоиницијативна, а Михајло нема да биде врзан за одреден број на клубови туку ќе комуницира и работи со сите.

Конечно, Слободан, во наредниот период ќе продолжи да се грижи за имплементацијата на проектот „Прославуваме јубилеи“. Но, во наредниот период, наместо да се обиде да прибере информации од неколку клубови, или да го втурне својот клуб во акција ќе го прави токму спротивното. Преку директна комуникација и посета на клубовите ќе се обиде да им го пренесе духот на заедничка волонтерска служба во заедницата и ќе обезбеди вклучување на што поголем број на клубови во овој проект.
Воедно, поради приближувањето на националната конвенција, Слободан во својата комуникација со клубовите ќе се обиде да ги едуцира дека националната конвенција е врвната форма на демократија во дистриктот; дека учеството на конвенцијата значи учество во одлучувањето и информираност; односно дека учеството на конвенцијата го одржува клубот во живот во очите на дистриктот. За потребите на оваа активност Слободат ќе изготви материјал со кој ќе ги информира клубовите за составувањето на конвенцијата, за бројот на делегати и сразмерот на делегатите со клубските членови и за финансиските обврски на клубовите во врска со конвенцијата. Предвидениот рок за изготвувањето на материјалот е почетокот на февруари 2013 година, а наредниот месец, март 2013, ќе биде периодот во кој ќе се случува интензивното комуницирање и едуцирањето на клубовите. НАПОМЕНА: Слободен е изборот на инструментите за едуцирање на клубовите, електронска пошта, презентација, упатство и сл. Сепак најповеќе ќе се вреднува самоиницијативната посета на клубовите. Ниту Слободан нема да биде врзан за одреден број на клубови туку ќе комуницира и работи со сите.
Индикатор за успехот на Слободат во активностите ќе бидат бројот на прославени јубилеи, но и бројот на вклучени клубови во прославата. Секако, учеството на 80% од клубовите на националната конвенција во мај 2013 година ќе биде индикатор за успех на работата на Слободан.

Да се надеваме на нови успеси и на целосно заокружување на годината во која сите служиме зошто...

BE A LION - TOUCH A HEART

No comments:

Post a Comment