Sunday, February 17, 2013

EIGHT MONTHLY ADDRESS TO ALL LIONS


Драги пријатели lions-и


Добредојдовте во осмиот месец од оваа 2012/2013 фискална година, во месецот на борбата против глаукомот. Ова е осмо месечно обраќање за оваа фискална година кое треба да ви послужи како извештај или потсетник, и секако како информатор за нашите активности. 

Во месецот што измина...
Јануари во Survival[1] митологијата на македонецот е најтешкиот месец! Напорниот период на празнување и паралелно искажување на врвните кулинарски способности на сите членови на семејството (мајки, татковци, баби, дедовци, тетки, вујковци и сл.) како вообичаено до максимум ја тестираат издржливоста на домашните буџети, а врзувањето крај со крај, барем во овој месец наликува на еден мошне успешен кумановски афоризам: „Кој вржује крај с’с крај, брго ќе скине конци!“ Во мојата гувернерска година (2012/2013) јануари се покажа како еднакво тежок месец. 
На крајот на изминатиот месец 7 од нашите клубови беа избришани од ростерот на клубови на Lions Clubs International. Со тоа бројната состојба на нашиот дистрикт се намали за 157 членови и заедно со претходните реални загуби од приближно 40 членови не симна на 752 членови. Сепак, ако е за утеха, тимот кој победува оваа година во само 7 месеци направи извонредни резултати, реализиравме 250 активности, безмалку 13.000 часови волонтерска работа и вкупна вредност на акциите од приближно 120.000,00$. Реализиравме огромен број на часови административна работа во клубовите и во дистриктот, работа посветена на координација и планирање, но и работа посветена на комуникации, посети на клубовите, работа со истите. 
СУМИРАНО, ВО СПОРЕДБА СО МИНАТАТА ГОДИНА НАПРАВИВМЕ ПОДОБРУВАЊЕ ОД 120%, или едноставно ги поместивме границите на УСПЕХОТ

Во месецот што измина продолжија редовните работни средби во клубовите.
Согласно статутот и правилниците гувернерот на дистриктот го претставува и застапува дистриктот, а тоа го прави и преку редовните посети на клубовите. 
Оттаму, според календарот за годинава, во изминатиот месец имав можност да ги продолжам редовните средби со членовите на неколку клубови. Уште повеќе, поради актуелната состојба посетите мораа да бидат интензивирани. Во повеќе наврати бев во Куманово, а како свои претставници и секако во функција на дистриктот имаше повеќе офицери кои беа во посета на критичните клубови. Воедно, изминатиот месец беа организирани состаноци на најповеќето Советодавни комитети на гувернерот на дистриктот на кои присуствувавме заедно со вице-гувернерите, поранешниот гувернер Давидовски и GMT координаторот. 

Во текот на изминатиот месец се грижевме за гладните. 
Повеќето од нашите клубови организираа оброци за лицата со посебни потреби и лицата корисници на социјална помош, а беа направени и повеќе донации на јавните кујни, односно на социјално најзагрозените семејства. Откако претходниот месец се потрудивме сите деца да имаат Нова Година и да го сретнат Дедо Мраз, во изминатиот месец навистина се потрудивме најдолгиот месец во годината да биде малу полесен за оние на кои им е потребна помош. 

Во текот на овој месец го финализиравме националниот избор за најдобра еко-фотографија. 
Приказната на победничката фотографија вели: „Во светот има само еден чун со рамно дно кој се правел од еден трупец (моноксилен) и тој го употребувале старите рибари во Дојран (Полин). Воедно, Дојранското езеро замрзнувало еднаш во 50 години.“ Ако приказната е точна, тогаш... 
Честитки за победникот lionВладимир Арсовски! 
За да ги погледате сите пристигнати фотографии следете го линкот: LIONS ENVIRONMENTAL PHOTO CONTEST - D132 MACEDONIA 

Во текот на овој месец ве повикувам да се бориме против глаукомот. 
Глаукомот е состојба во која е оштетен очниот нерв, ткивото кое ги носи информациите за она што го гледаме со очите во мозокот за да ја создадеме сликата што е пред нас. Состојбата создава притисок на очниот нерв, негово оштетување и може да резултира со оштетување на видот и слепило. Што можеме ние да сториме? Изберете еден од следните примери и следете го: 
  1. Организирајте лекарски прегледи за штитениците на вашиот клуб (децата без родители; старите и изнемоштени лица; лицата корисници на социјална помош) според медицинските сознанија раното дијагностицирање е најдобриот начин да се борите против болеста.
  2. Во соработка со некој од здравствените центри во земјата организирајте и донирајте ласерски третман против глауком на штитеник на вашиот клуб. Според лекарите, третманот е едноставна и рутинска операција.
  3. Организирајте предавање од нутриционист. Глаукомот може да се победи со правилна и здрава исхрана, одредени типови храна исклучително поволно влијаат на состојбата. Воедно, долгогодишните истражувања конечно потврдија дека пиењето зелен чај влијае и на подобрување на функционирањето на очниот нерв и е корисна алатка во борбата против глаукомот. 
На крајот едно потсетување. Нашиот меѓународниот претседател вели: “In a world of need and suffering, there is someone to help. And in a world of service, there is one name that stands out among others – Lions Clubs International. That’s what we do.” Темата за оваа година 2012/2013, “In a World of Service” ги отсликува вредностите кои ги споделуваат членовите на асоцијацијата веќе 95 години. 

BE A LION – TOUCH A HEART!
Андреја Стојковски, гувернер на дистриктот 2012/2013 
[1] Survival, aнглиски јазик = Опстанок; умешност, или способност да се преживее

No comments:

Post a Comment