Sunday, March 31, 2013

THE MONTH OF INTERNATIONAL COOPERATION

Во месецот на меѓународната соработка добив извонредна можност да отворам нова страница во соработката на нашиот дистрикт со дистриктот 130 Бугарија. Секогаш доволно близу, но никогаш со толку ентузијазам за промена и подобрување на односите помеѓу обата дистрикти и народите на двете страни од границата како годинава. Гувернерот на дистриктот 130, Екатерина Игнатова од Софија, досега во повеќе наврати се обиде да ја отвори соработката на дистриктите, а конечно првата посета на некој наш актуелен гувернер се случи на 16 март 2013 година. Бугарските lions-и годинава на нивната национална прослава на Lions денот во Обединетите нации беа удостоени од повеќе меѓународни гости, поранешниот меѓународен директор Несим Леви од Турција, поранешниот гувернер на дистрикт и Европски ареа лидер за GMT Ханс-Петер Фишер. Таму беше и вице-гувернерката од Турција Бирсен Леви, а се разбира бевме и јас со мојата сопруга и партнер во Lions служба. 

Домаќините се беа потрудиле исклучително многу настанот да биде интересен и запаметен. Најнапред го избрале прекрасниот и супер модерен хотел ХИЛТОН во Софија за место на одржувањето на настанот; потоа составиле мошне интересна програма, а одбрале и многу интересн гостин говорник; на крајот, паралелен настан на прославата беше и бугарскиот институт за нови лидери кој обединуваше не само учесници од клубовите од Бугарија ами и странци. Сите овие слушатели беа дел од одбележувањето.

Пред почетокот на одбележувањето имав можност да го слушам поранешниот гувернер на дистриктот Неделко Младенов во неговото предавање за јавни настапи и говорништво од кое и покрај сите настапи на ораторските вечери и сето учење за Реториката имав можност да научам и јас.

Во единасет часот сите се наредивме за влез во салата и посета на Националниот Lions ден во Обединетите нации. На влезот од салата „Четири годишни времиња“ банер на дистриктот на кој секој од присутните требаше да остави трага за своето учество, автограми на сите пристуни lions-и, а малку потаму специјална маса на која храбрите учесници можеа да си ги пробаат вештините во правење леб. Меѓу храбрите бевме обајцата македонски учесници на настанот. Рековме ова е можност да бидеме вистински дел од настанот.


Тема на прославата беше лебот и неговите терапевтски својства. Многу lions-и, многу националности, но еден ист производ. Организаторите ветија дека секое замесено парче ќе можеме да ги пробаме веднаш по завршувањето на програмата. 

Како и вообичаено големите lions собири треба да ги искористиме за да им заблагодариме на сите наши соработници и помагачи за нивниот ангажман. Гувернерката Екатерина го стори токму тоа, им заблагодари на сите, нејзините претходници, нејзините соработници, на нејзините lions-и, а на крајот и на нејзините гости. 

Програмата за одбележување на Lions денот во ООН во Бугарија беше посветена на д-р Надежда Савова, професор на Принстон Универзитетот во САД, антрополог на традиционалната кујна, истражувач, патеписец, прогласена за патувач на годината 2012 од National Geographic магазинот. Д-р Савова воедно е основач на меѓународната организација „Куќа на лебот“ каде успешно ги комбинира митологијата на лебот и печката, со лебната терапија во подобрувањето на заедницата во која служи. Во 20 минутното предавање успеавме да слушнеме безброј работи кои навидум познати ни дадоа сосема ново видување за лебот и митологијата поврзана со него. Почнувајќи од печката во која се пече лебот и пештерата во која е роден Исус Христос, па до именувањето на лебот како „телото Христово“ секоја приказна се повеќе наликуваше на оние кои нашите баби ни ги раскажуваа дури месеа леб, или пак не молеа да каснеме залак пред да отрчаме одново по топката. Следуваше претставувањето на бугарскиот победник од натпреварот за еко-фотографија, интересна фотографија од пештерска уметност која своето светло на денот веќе го беше видела во National Geographic Traveler магазинот, како и претставувањето на други успеси на дистриктот во изминатата година. Крајот на прославата го одбележа мирисот на тазе испечен леб и прекрасните вина на винаријата „Ахаја Клаус“ основана во далечната 1854 година во Патрас, Грција, кои во Софија ги претстави lion Христос Мојсидис од Lions клубот ПАТРАС од Грција. Со „телото и крвта Христови“ (н.з. леб и вино) наздравивме за успесите на Lions дистриктот 130 Бугарија и идната поблиска соработка со нашиот Lions дистрикт 132 Македонија. Служиме - за многу години!

No comments:

Post a Comment