Сите велат дека ништо не си доживеал и не знаеш што е тоа Lions Clubs International се друи не отидеш на Меѓународна конвенција. Ако навистина е така, тогаш доживувањето може да започне!
Годинава, 95тата Меѓународна конвенција на Lions Clubs International се одржа во Бусан, Јужна Кореја, од 22 до 26 јуни. Претходно, од 19 до 21 јуни се одржа семинарот за избрани гувернери на дистриктите ширум светот (DGE Seminar). На семинарот 750 гувернери беа обучени и подготвени да го прифатат предизвикот и да служат на асоцијацијата во фискалната 2012/2013 година. На оваа конвенција имаше рекордно учество на дури 55.000 lions-и од целиот свет.
Патувањето до конечното одредиште на далечниот исток, започна на 15 јуни во 15.50 часот со лет најпрвин до Љубљана, а по една навистина куса ноќ во Словенија продолжи на 16 јуни, рано утрото, во 07.30 часот со лет до Минхен, СР Германија. Пристигнувањето во Минхен веќе значеше сериозно навлегување во патешествието, чекајќи го авионот се сретнавме повеќе пријатели избрани гувернери од своите дистрикти. Сите го очекувавме истиот лет. Таму бевме Зоран Водопија, избраниот гувернер од Словенија, Бранко Драгичевиќ од Хрватска, Волфганг Роге од Баварија итн. На влезот од авионот забележливо, 80% од патниците lions-и, избрани гувернери или нивни придружници, а покрај од Европа неколкумина и од Јужна Америка. По речиси 14 часа, од кои безмалку 1 час поминат на аеродромот во Сеул пристигнавме во Бусан на 17 јуни 2012 година во 07.30 часот по локално време.
Наредниот ден, 18 јуни, беше ден за регистрација на учесниците, фотографирање со идниот меѓународен претседател Вејн МЕДЕН и неговата сопруга Линда, а за сите избрани гувернери кои доаѓаат од т.н. Single Districts беше организирана и работилница за ориентација.
Утредента во аудиториумот на Центарот за изложби и конвенции на Бусан (Busan Exhibition and Convention Center - BEXCO) се одржа сесијата за отворање на која беа претставени претседавачот на семинарот, поранешниот меѓународен директор Клиф Хејвуд од Нов Зеланд, како и сите 30 инструктори на семинарот. Групата 18 ја предводеше поранешниот меѓународен директор Несим Леви од Турција, а во неа бевме заедно со гувернерите од Словенија, Бугарија, Романија, Илиноис, Пенсилванија, Оклахома, Лујзијана, Бангладеш, Тајланд и Јужна Африка.
На истекот на третиот ден од семинарот, во училната во која бевме со групата 18 влезе Пети Репен-Воланте, шеф на одделот за развој на лидерство во асоцијацијата и одговорна за организација и подготовка на семинарот, таа ми го соопшти она што веќе ми беше најавено - утредента, на сесијата за затворање на семинарот ќе бидам еден од трите избрани гувернери кои ќе се обратат пред сите останати и ќе се обидат да дадат нов мотив и нова инспирација за служењето во текот на годината. Надополнувањето следуваше пред почетокот на сесијата кога ми беше соопштено дека ќе зборувам прв од избраните тројца. Сета возбуда и треба кои тогаш ги почуствував не се мерат со ниту едно од појавувањата на ораторските вечери на Правниот факултет во Скопје. Чуствував како да се изневерив себе си и нашиот дистрикт, но приближно 200 пати стегнатата рака во честитка, покажаните подигнати палци и зборови на благодарност од останатите гувернери, инструкторите и меѓународните офицери ме уверија дека испратената порака сепак била доволно силна и мотивирала многумина од моите нови пријатели.
Вечерта на 21 јуни 2012 година со меѓународното шоу беше отворена 95тата Меѓународна конвенција на Lions Clubs International. На шоуто беа претставени костими од династијата Чосун од Кореја, а настапуваа и уметниците на Кинескиот ансамбл на хендикепирани воодушевувајќи ја целата публика во салата во која имаше 35.000 столчиња.
Наредниот ден парадата на нациите во која секоја од државите застапени на конвенцијата во униформа, народна носија или друг костим и ознака поминува на означената рута низ градот и ја покажува моќта на асоцијацијата.
Утредента започна работниот дел на конвенцијата. Најпрвин поранешните меѓународни претседатели поминаа низ публиката и застанаа на големата сцена за да го поздрават актуелниот претседател. Сцена достојна за почит, господа кои својот мандат го завршиле уште во 70тите години на минатиот век правејќи ја асоцијацијата поголема и поорганизирана, жива историја. Веднаш потоа излегува претседателот Там, човекот кој преку својата кампања „Мој клуб - мое семејство“ му кажа на членството дека верува и успеа да го мотивира да посади вкупно 13.211.348 дрва и на тој начин ја направи историјата.
Последниот ден од конвенцијата беше резервиран за изборите. Повеќе од 3.000 делегати гласаа за изборот на новото раководство, како и за новите меѓународни директори, но и за измена на Меѓународниот статут и правилниците на асоцијацијата. Веднаш по гласањето следуваше последната пленарна сесија на Меѓународната конвенција. Додека делегатите и другите присутни влегуваа во салата и го пронаоѓаа своето место, местото на единствениот претставник на дистриктот 132 беше во вториот ред, заедно со семејството на идниот претседател Вејн Меден. На почетокот уште еднаш не забавуваа уметниците на Кинескиот ансамбл на хендикепирани кои беа и добитници на Меѓународната хуманитарна награда на асоцијацијата, како и на чек во вредност од 250.000,00 долари. Веднаш потоа, меѓународниот претседател ги повика претставниците на неколку комитети на конвенцијата, оној за резолуции, како и оној за избори и гласање да ги соопштат своите наоди. Усвојувањето на предлозите на овие два комитети значеше дека претседателот Там може да ги соопшти резултатите од гласањето.
Најнапред беше соопштен резултатот за избор на меѓународен претседател, при што беше кажано дека едногласно е избран за меѓународен претседател за 2012/2013 година Вејн А. МЕДЕН од Обурн, Индијана, САД. Експлозија во салата, емоции, честитки, конфети во боите на асоцијацијата, а на сцената новоизбраниот претседател со сопругата и целото семејство. Линда, Џенифер, Џули, Мајкл, Тимоти, Лорен, Даниел, Мајлс, Макс, Овен... честа нивниот сопруг, татко и дедо да биде избран за меѓународен претседател на најголемата асоцијација на сервисни клубови во светот просто им се читаше на лицата. На честитките им нема крај, пријатели, соработници, членови, сенатори, конгесмени и секако лична порака од поранешниот гувернер на дистрикт и поранешен претседател на САД, Џими Картер
Пред самиот крај на конвенцијата следуваше најстрогиот момент на истата, новоизбраниот претседател Меден ја полага заклетвата на се уште актуелниот претседател Там, пред сите поранешни претседатели, пред меѓународните директори, пред сите други офицери и lions-и. По заклетвата следуваат инсигниите, најнапред прстенот, потоа чеканот и конечно микрофонот. Новиот претседател Вејн Меден го презема подиумот и водењето на конвенцијата. Прво, благодарност за дотогашниот претседател, а потоа нов сервисен потфат - Lions Clubs International на големата сцена на 95тата меѓународна конвенција во BEXCO склучува партнерство во борба против неписменоста со USAID (Агенција за меѓународна помош и соработка на САД).
Крајот на конвенцијата беше резервиран за новите гувернери. Моментот кој сите го чекаат, полагањето на заклетвата пред меѓународниот претседател и тргнувањето на лентата ELECT. Сите гувернери исправени, на своите места, со своите партнери покрај нив. Во тој момент претседателот Меден вели: „Пред да започнеме би сакал да поканам еден мој особено драг пријател, избраниот гувернер на Дистриктот 132 Македонија да дојде на сцената до мене!“ Наредба од претседателот мора да се почитува. На возбудата и нема крај. Почеста е огромна, тежи на плеќите и повикува на одговорност, посветеност, служење во текот на годината. На сцената пред меѓународниот претседател, сите поранешни меѓународни претседатели, меѓународните директори, оние актуелните, тие на заминување и оние новоизбраните се обврзуваш на служење на асоцијацијата и своите клубови во годината 2012/2013.
Од Бусан се вратив со долга листа на нови пријателства, на остварени средби, изменети искуства и разговори. Секое ново пријателство како нов бисер на герданот. Секое ново пријателство уште едно ново богатство.
Навистина, се дури не отидеш на барем една меѓународна конвенција, не знаеш што е тоа Lions Clubs International!
No comments:
Post a Comment