Sunday, December 23, 2012

8th TRADITIONAL ACTIVITY "BUY A PRODUCT +"

„Зарем не сметате дека секое дете има право на Нова Година и да се радува на новогодишното пакетче?“ На овој начин нашите волонтери им се обраќаа на купувачите овој декември, објаснуваќи им дека со купувањето на производ + донираат за правењето на новогодишни пакетчиња за децата со посебни потреби и децата без родители. Уверен сум дека граѓаните ја разбраа пораката, оти кутиите за донации беа редовно полни.
Традиционалната акција „Купете производ +“ на Leo клубот Скопје ОМНИА се одржа по осми пат оваа година. Акцијата како вообичаено се одржа во ВЕРО маркетите во Скопје, а оваа година тие беа маркетот во Градскиот трговски центар и ВЕРО2 маркетот во Тафталиџе. Следејќи го заклучокот на Кабинетот на дистриктот од неговиот прв состанок (12.09.2012) во акцијата се вклучија и lions-ите. 
За прв пат оваа година акцијата беше партнерски направена со Leo клубот Скопје ЛУМОС и Leo клубот Скопје АКСИОС, а волонтерска поддршка дадоа и Lions клубот Скопје МАКЕДОНИЈА New Century. На акцијата со организирани донации учествуваше и Lions клубот Скопје ФЕНИКС, а донираа и повеќе други lions-и од сите клубови во државата. Сакајќи да се потсети на времето кога беше само Менаџер за подмладок во својот матичен клуб, во една волонтерска смена учествуваше и нашиот пра-lion и прв гувернер на дистриктот Небојша Давидовски. 
Собраните чоколади, вафли, бонбони, грисини, играчки и други производи веќе се сортирани, а дури и добар дел од новогодишните пакетчиња се направени. Пакетчињата ќе бидат подарени на штитениците на Специјализираниот завод за деца со средна и тешка ментална ретардација од Скопје, како и за штитениците од други специјализирани институции за деца со посебни потреби и деца без родители. 
Очекувам дека следната година ќе видам повеќе од 10 волонтери lions-и за да му покажат на нашево општество што значи општествена одговорност и дека следната година акцијата ќе биде поорганизирана, подолга и се разбира далеку пораширена со волонтерски денови во Прилеп, Битола, Охрид, Куманово итн.

No comments:

Post a Comment