На безмалку еден час пред почетокот на годинешниот 6ти традиционален Црно-бел Бал на средба со пијачка во хотелот БЕЛАТА КУЌА во Битола заедно со дел од моето клубско членство (Даница Дончовска и Александар Зафироски), офицерите на дистриктот (Небојша Давидовски и Слободан Вукичевиќ) и нашите меѓународни гости (Фил и Хајди-Ен Нејтан, Филип и Џеки Гудиер, Брајан и Маргарет Рајли), како и меѓународниот претседател и неговата сопруга (Вејн и Линда Меден) го пречекавме амбасадорот на Обединетото Кралство и неговата сопруга (Кристофер и Анет Ивон). Се разбира, во сето ова водени од премисата „Претседателот не смее да чека!“, идејата беше претседателот и неговата сопруга да пристигнат последни на балот и да го означат почетокот на овогодинешната забава.
Атмосферата беше повеќе од пријателска и отворена, присутни веќе беа во своите свечени облеки во црна, бела или црна и бела боја, и се разбира подготвени за прекрасна вечер. Се зборуваше за пријателството, филантропијата, за подарувањето, но и за многу други работи, точките на пријателство помеѓу Обединетото Кралство и Македонија и за можностите за продлабочување на тоа пријателство.
По првата здравица, запознавањето и меѓусебното дружење, дојде моментот кој некои од нас го очекуваа. Амбасадорот Кристофер Ивон ја прифати поканата на Lions клубот Скопје МАКЕДОНИЈА New Century да биде дел од истиот. Во присуство на сите високи гости, како и на еден дел од клубското членство го замолив меѓународниот претседател да ја води церемонијата за воведување во членство. Знам дека обајцата имаа посебна чест, а сите ние неизмерно задоволство од придобивањето на уште еден член во клубот, односно во асоцијацијата.
Водејќи ја церемонијата, меѓународниот претседател МЕДЕН, вели: „Амбасадоре Ивон, Кристофер, да се биде дел од Lions Clubs International претпоставува повеќе обврски за членот. Членството има повеќе значења:
- Да се биде дел од Lions Clubs International значи да се биде дел од најголемата асоцијација на сервисни клубови во светот.
- Да се биде дел од Lions Clubs International значи да и се служи на заедницата без оглед каде се наоѓате.
- Да се биде дел од Lions Clubs International значи да се биде активен член во клубот во кој припаѓате.
- Да се биде дел од Lions Clubs International значи да се подарува нешто свое, дури и тогаш кога немаме отповеќе.
- Да се биде дел од Lions Clubs International значи да се оддели дел од своето време, да се впрегнат сите знаења и вештини во полза на заедницата на која и се служи.
- Да се биде дел од Lions Clubs International значи да се донираат своите контакти со цел успех во служењето.
- Да се биде дел од Lions Clubs International значи да се почитуваат статутот и правилниците на својот клуб, на дистриктот и уставот на меѓународната асоцијација.
- Да се биде дел од Lions Clubs International значи да се плаќа членарината кон асоцијацијата, како и сите други давачки кои клубот или дистриктот ќе ги наметнат.
Дали ги прифаќаш овие обврски кои произлегуваат од членството? По потврдниот одговор, следуваше: „lion Кристофер Ивон, носи го со гордост ова одбележје на твоето членство во оваа асоцијација“ и му ја додели значката со која се означува членството.
Следуваше уште еден протоколарен дел во кој изразувајќи го своето задоволство од зачленувањето во асоцијацијата, меѓународниот претседател МЕДЕН на lion Кристофер Ивон му подари часовник и една од неговите лични вратоврски. За возврат, lion Кристофер Ивон на меѓународниот претседател и на мене ни подари кристал изрежан во форма на дијамант со холограмски портрет на НВ Кралицата Елизабета Втора во чест на нејзиниот дијамантски јубилеј.
Конечно, во одговор, секако во знак на благодарност за поддршката за овој 6ти Црно-бел Бал, како и за нашата досегашна соработка и јас имав неколку пригодни подароци за гостите - предмети од охридски бисери во изработка на lion Михајло Филев. На lion Кристофер Ивон и на Анет Ивон, еден пар машки копци за кошула со гравура на логото на меѓународната асоцијација и обетки. Истиот подарок, пар машки копци за кошула со гравура на логото на меѓународната асоцијација од охридски бисер и за Фил Нејтан и Филип Гудиер.
За високите гости од мултидистриктот 105 тоа секако беше прв предмет изработен од охридски бисери, а според зборовите на Кристофер: „во множеството на предмети од охридски бисери во нивниот дом, тоа е првиот што тој ќе може да го носи“.
No comments:
Post a Comment