Во посета на нашиот дистрикт, како меѓународен претседател и, за прв пат во текот на оваа година дојде нашиот долгогодишен пријател Вејн А. МЕДЕН со својата сопруга Линда МЕДЕН. По неколку дневен престој во Австралија и речиси 30 часовниот лет преку Бангкок, Франкфурт и Виена гостите пристигнаа во Скопје во четврток, 29 ноември 2012. Откако ги пресретнавме со секретарот на кабинетот на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје и попатно ги оставивме нивните (пре)многу торби во хотелот АРКА, заминавме со гостите на ручек во ресторанот „Стара градска куќа“. На ручекот со избор на традиционална македонска храна од долгата листа на специјалитетите на куќата ни се придружија во посакување на добредојде група на македонски lions лидери кои заедно со гостите имаа можност да позборуваат за нашите активности, но секако и за нивните очекувања од посетата.
Откако завршивме со ручекот, гостите заминаа на заслужениот одмор пред официјално да започнеме со агендата на нивниот престој и средбата со Министерот за надворешни работи, Н.Е. г. Никола Попоски. На средбата која се одржа во просториите на новото Министерство за надворешни работи присуствуваа и lion Абдулкадар Мехмеди, во својство на политички директор во Министерството, како и Горица Атанасовска-Ѓоревска, шеф на кабинетот на министерот. Меѓународниот претседател и министерот Попоски зборуваа за мрежата на асоцијацијата, за меѓународните проекти, за помошта што ја укажува нашата асоцијација на слепите, на болните од сипаници, на дијабетичарите итн. Зборува, секако и за поддршката на младите и програмите како Lions Quest, младинска размена и Leo клубови. Од друга страна, на министерот му беше посочено што е она што може нашата асоцијација и секако клубовите во државата да го направат за локалната заедница и за остварувањето на националните интереси. На крајот на средбата, меѓународниот претседател во знак на благодарност за средбата на министерот Попоски му подари плакета со минатогодишниот победник на натпреварот за Peace Poster и со зборовите „сега веќе сме пријатели“ негово знаме на пријателството, а на lion Абдулкадар Мехмеди една од неговите вратоврски и знаме на пријателството.
Наредниот ден, петок, 30 ноември 2012, денот го започнавме со посета на студиото на КЛУБ ФМ радио каде што се сретнавме со lion Ѓоре САВЕВ од Lions клубот Скопје ЈУСТИНИЈАН, еден од сопствениците на радиото. Откако ни посака добредојде, Ѓоре не запозна со нашата домаќинка за утрото, уредничката Маргарита Столевска која го водеше интервјуто со нашиот претседател. Инаку, колку за информација, Lions клубот Скопје ЈУСТИНИЈАН и КЛУБ ФМ радио ќе реализираат радио програма за промоција на читањето и писменоста со продукција на емисија во која членовите на клубот ќе читаат заедно со други познати личности од државата. Се задржавме повеќе одошто имавме утврдено време, веќе доцневме на следниот настан, но вредеше. Интервјуто беше прекрасно, се зборуваше за многу работи, важни за асоцијацијата, за меѓународната програма и секако за меѓународниот претседател.
Кога Господ ни одзема едно сетило, ги засилува останатите, она што можевме да го видиме во керамичката работилница на Заводот и клубот СВ. ПАНТЕЛЕЈМОН беше извонредно. Обата гости заминаа среќни и задоволни, а добија и неколку ситници за спомен на нивната посета.
Мирисот на вкусната пица, одминатото време не натера да го одложиме тргнувањето за Прилеп и Битола. Се разбира, дури и да сакавме, немаше никаква можност веднаш да тргнеме „возот од Индија“ се уште не беше натоварен. Кебапчилница 5ка беше нашата следна дестинација, кус одмор, вкусна храна, добро друштво и можност за кус разговор со поранешниот гувернер на дистриктот Небојша ДАВИДОВСКИ. Претходно, во четири очи малу договори со претседателот за натамошниот дел од посетата, а потоа знаејќи дека е така најдобро ги оставив гостите во друштво на Небојша.
За Прилеп тргнавме речиси во 13.00 часот. Знаев дека нема да можеме да стигнеме навреме, сепак, не бев премногу загрижен позитивноста на претседателот во неговите средби ќе не оправда. По пат, во неколку наврати разговаравме со нашиот домаќин кој не очекуваше, lion Пеце Петрески од Lions клубот ПРИЛЕП. На влезот на градот добивме инструкции веднаш да се упатиме кон зградата на општината, не очекувал и градоначалникот Маријан РИСТЕСКИ. Следуваа протоколарни муабети, се зборуваше за активности, за меѓународната асоцијација, за локалните клубови, соработката... Градоначалникот од друга страна го претстави градот и неговото искуство со клубот во Прилеп, а зборуваше и за културните настани кои ги организираат. Се разбира, фокусот беше ставен на фестивалот на пивото и карневалот. На крајот на средбата, размена на подароци, претседателот на градоначалникот плакета со минатогодишниот победник на натпреварот за Peace Poster, знаме на пријателството и една од неговите вратоврски. Откако претходно му дошепнав дека портокаловата е партиската боја на градоначалникот, додаде „Се надевам дека ќе ви одговара оваа вратоврска и за вашите партиски активности, слушнав дека портокаловата била ваша боја.“
Саботата, 1 декември 2012, започна многу рано, веројатно прерано за уморот на сите вклучени во неа. Веднаш по појадокот, заедно со Марјан Талев заминавме со меѓународниот претседател и со г-ѓа Меден на разгледување на отворениот дел на археолошкиот локалитет ХЕРАКЛЕЈА ЛИНКЕСТИС. Воодушевени од она што го гледаат и секако од она што го слушнаа, обајцата Меденови изговорија во еден миг „Кога ќе го споредам ова што го слушам со историјата на САД... Само 200 години државност...“ По разгледот на локалитетот, во сабота традиционално на кафе на Широк Сокак и подготовка за состанок, а дамите во заслужениот шопинг и уживање во она што Битола може да го понуди.
Откако заврши состанокот, во периодот помеѓу 13.30 и 14.30 сите присутни беа повикани и учествуваа на волонтерската активност организирана од Leo клубот Битола АЛФА, Leo клубот Битола КАБАДАЈА и Lions клубот Битола КАБАДАЈА (#105516), а за одбележување на СВЕТСКИот ДЕН ЗА БОРБА ПРОТИВ СИДАТА под мотото „Сидата чини цел живот, а кондомите само 100 денари“ која се одржа на Широк Сокак. Многу насмеани лица, по некој засрамен минувач кој се обидува да го скрие кондомот кој го добил од нашите Leo-вци, небаре е нешто срамно и многу lions-и кои беа дојдени да им честитаат на најмалите на нивата активност.
Денот имаше уште многу време до крајот, а нашите преморени нозе бараа одмор.
No comments:
Post a Comment